• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Барселона запишаа важна победа во 18. коло од шпанската Ла Лига, откако на „Камп Ноу“ ја совладаа Осасуна со 2-0, а апсолутен херој на натпреварот беше Рафиња. Иако каталонскиот гигант доминираше од првата минута, отпорот на гостите беше скршен дури во завршницата, кога бразилскиот репрезентативец со два погодоци во 70. и 86. минута ја реши средбата со најслабиот гостин во лигата.
- Извештај од натпреварот:
Тренерот Ханси Флик на теренот ја изведе најсилната формација со која моментално располага, а за првпат од старт настапи офанзивниот квартет составен од Јамал, Рафиња, Рашфорд и Торес. И покрај големите очекувања и целосната контрола врз играта, првото полувреме заврши без голови. Барселона буквално го затвори противникот на неговата половина, создавајќи шанса по шанса, но реализацијата изостана. Податокот дека поседот на топката изнесуваше неверојатни 81% наспроти 19% во корист на домашните доволно говори за односот на силите.
Гарсија и Јамал се обидоа со удари од дистанца, но голманот Ерера беше на висина на задачата. Торес дури и ја затресе мрежата со удар со глава, но погодокот беше поништен поради офсајд, а Шпанецот подоцна пропушти уште неколку изгледни можности, меѓу кои и еден атрактивен обид со „ножички“. И Јамал блескаше по десната страна, создавајќи постојана опасност, но Осасуна успеа да преживее до паузата. Гостите ретко излегуваа од сопствената половина, но сепак имаа две солидни шанси преку Будимир, кои сигурно ги одбрани Жоан Гарсија.
Во продолжението темпото малку опадна, а со промашувањата на Рашфорд и Педри почна да се чувствува и нервоза кај домашните. Флик подолго време чекаше со измените, а играта не беше толку флуидна како во првиот дел. Сепак, во 70. минута одговорноста ја презеде капитенот. По додавање од Педри, Рафиња повлече низ средината и со прецизен удар од околу 20 метри ја смести топката покрај стативата за заслужено водство од 1-0.
По отворањето на резултатот Барселона заигра посмирено, а влегувањето на Френки де Јонг и Фермин Лопез донесе дополнителна контрола на средниот ред. Победата беше потврдена во 86. минута, кога по центаршут на Кунде и одбиена топка од одбраната, Рафиња се најде на вистинското место и одблизу го постави конечниот резултат. Со овој триумф Барселона стигна до 43 освоени бодови и ја зголеми предноста на врвот на табелата на седум бода пред Реал Мадрид, кој својот натпревар од колото го игра во недела на гостувањето кај Алавес.









