• Иван Димовски

Фудбалерите на Торино се радуваа на гостувањето кај Салернитана со убедливи 0-3 (0-2), во претпоследниот меч од четвртото коло на италијанската Серија А. Дуелот на „Ареки“ понуди два погодоци на Немања Радоњиќ и еден на Алесандро Бонџорно, за убедлив триумф на „биковите“.
Иако домаќинот во Салерно прв се закани преку Кандрева, до гол први дојдоа гостите. По еден корнер и мешаница, најдобро се снајде Бонџорно кој од петерецот ја смести топката во мрежата за 0-1. Торино до паузата успеа да дојде и до втор погодок. Српскиот офанзивец Радоњиќ доби топка на шеснаесетникот, повлече кон средината и откосо шутна во спротивниот агол од голот, за удвојување на предноста во 41. минута.
Веднаш на стартот на продолжението, истиот фудбалер донесе и тројна предност. Раул Беланова ја водеше акцијата по десната страна, уфрли на пеналтикот, а Радоњиќ вторпат го матира Очоа. Бргу потоа Србинот и третпат погоди во мрежата на Салернитана, ама овојпат ВАР се јави и сигнализира офсајд.
- Извештај од натпреварот:
Торино има две победи по четири кола, со реми и пораз и со седум бода е израмнет со Наполи, Фросиноне и Фиорентина.