• Иван Димовски

Фудбалерите на Работнички по два натпревари се вратија на победите во ПМФЛ, откако славеа во малото скопско дерби против екипата на Македонија Ѓорче Петров со 2-0 (2-0). Пресметката на стадионот „Борис Трајковски“ понуди два брзи гола во мрежата на „лавовите“, кои потоа „романтичарите“ успеаја да ги одбранат за конечен триумф.
Натпреварот во скопската населба Маџари започна отворено, двете екипи тргнаа со напади од самиот старт. Работнички прв имаше две-три полушанси, со кои ги опомена Стевковски и „лавовите“. На спротивната страна Македонија Ѓорче Петров се закануваше главно преку контри и транзиција, бидејќи топката повеќе беше кај ривалот. Добар обид за гостинот имаше Лазаревиќ, кој од далечина биеше и ги тестира можностите на Алексовски. Следеше една ветувачка контра, во која Стојковски излета сам, но направи лоша одлука и акцијата заврши со лесна голманска интервенција.
Резултатот во Маџари беше отворен во 26. минута, откако дефанзивата на Македонија Ѓорче Петров погреши, Анес Рушевиќ излета сам пред голот и рутински реализира за 1-0. Само две минути подоцна „романтичарите“ дојдоа до удвојување на позитивата. Директно од слободен удар незгоден шут упати Арменд Алими, па со помош на блокот и дефанзивата топката заврши во мрежата на Стевковски за 2-0.
Македонија Ѓорче Петров се обидуваше да се консолидира, успеа да ја зацврсти одбраната, меѓутоа не и да режира опасни напади за враќање во натпреварот. До полувремето, па и на стартот на второто немаше вистински шанси на двете страни и се играше главно меѓу двата шеснаесетници. Веројатно стартот со висок интензитет ги истроши играчите, па во вториот дел влегоа порезервирано. Првата посериозна шанса за „лавовите“ по примените голови дојде по речиси еден час игра, по еден час игра по корнер и удар со глава на Стоилов кој Алексовски го скроти.
До крајот на натпреварот Македонија Ѓорче Петров се обиде да се врати во игра. Колосална шанса имаше Арбин Воша, бидејќи излета сам на пеналтикот, ама Алексовски му одбрани зицер. По него обид од далечина имаше и Самаке, меѓутоа и тој не успеа да погоди. Откако не ги искористија можностите, „лавовите“ мораа да го прифатат поразот и сега паднаа на осмата позиција со еден бод помалку од Работнички, кој има 18 бода.