• Горан Упале

Екипата на Силекс со победа ја заврши годината во Првата македонска фудбалска лига, откако на гостувањето кај Работнички ја оправда улогата на фаворит и славеше со убедливи 0-3 (0-3). Со денешните три бода кратовчани полусезоната во домашниот шампионат ќе ја завршат на четвртата позиција со 31 бод, додека Работнички ќе мора многу да менува за време на паузата, затоа што е во тешка ситуација – со само седум бода ја зазема претпоследната позиција на табелата.
Првото возбудување на Градски пристигна во деветтата минута, кога Ангелче Тимовски од слободен удар биеше под „живиот ѕид“, но Василев ја впиша првата интервенција. Но, само една минута подоцна гостите стигнаа до посакуваната предност. Мартин Мирчевски ја искористи лошата комуникација на Василев со Велковски и мајсторски со лоб ја смести топката во домашниот гол.
Дебармаалци уше несоземени од раниот шок, одново капитулираа, а во центарот на вниманието повторно беше Мирчевски. Овој пат битолчанецот, по одличниот прием со гради, со финта го измами Василев и погоди за нова гостинска радост (0-2). За летното засилување на кратовчани ова беше деветти погодок во сезоната во ПМФЛ.
Работнички остана без „оружје“ и по вториот примен гол, па на теренот Силекс и понатаму доминираше. Момците на Александар Васоски одлично ги извршуваа зададените задачи и имаа контрола на теренот, а тоа донесе уште еден гол во домашната мрежа. Во самиот финиш од полувремето Додев биеше прецизно на втора статива и на својот тим му донесе комотни 0-3 на полувреме. Работнички единствената шанса во првиот дел ја имаше преку младинскиот репрезентативец Димитар Трајков, но Џеков беше на висината на задачата и не дозволи тресење на неговата мрежа.
И во вториот дел иста слика. Силекс играше поконкретно и поопасно, а сантиметри го делеа за уште еден погодок. Донов биеше од далечина, но Василев одбрани, а на одбиената топка налета Мирчевски и погоди за 0-4. Но, голот на битолчанецот беше поништен, затоа што линискиот судија го подигна знаменцето, поради офсајд ситуација. Во продолжение двете екипи играа со отворен гард и шанси се редеа пред двата гола, но резултатот остана непроменет и трите бода заслужено заминаа за Кратово.
Во првото пролетно коло Силекс ќе гостува во Струга, додека Работнички ќе се судри со есенскиот шампион Вардар.

