ВИДЕО: Работнички се врати од 0-2, но Воска покажа карактер и освои огромни три бода

Во највозбудливиот натпревар од последното есенско коло во Првата македонска фудбалска лига, екипата на Воска Спорт со гол во самиот финиш извојува голема победа над Работнички од 3-2.

Гостите од Скопје одлично го започнаа натпреварот на „Билјанини Извори“ и за краток период имаа две големи шанси да го отворат резултатот. Прв се закани поранешниот репрезентативец Влатко Стојановски, кој од полудесно биеше силно, но само во добро поставениот домашен голман. Веднаш потоа, истиот фудбалер одново се најде во гол-шанса, овој пат од спротивната страна, но повторно не ја погоди целта.

Речиси од идентична позиција се закани и Адем, но и тој биеше непрецизно. По серијата шанси пред голот на Воска, домашните фудбалери конечно тргнаа во офанзива и малку фалеше да дојдат до посакуваното водство. Марушиќ со „слалом“ помина тројца фудбалери и несебично додаде до Георгиев, кој шутираше многу лошо и Алексовски немаше потреба да интервенира. 

Сепак, во 40. минута гостинскиот голман беше немоќен и Воска поведе со 1-0. Откако главниот судија почитуваше предност при еден судир во казнениот простор на Работнички, на топката натрча Јахији и со прецизен удар донесе радост на трибините, и водство на својот тим на полувреме. До крајот на првиот дел Работнички испушти голема можност за експресно израмнување, откако Гандо не ја погоди целта од изгледна позиција.

Само што започна вториот дел екипата на Воска Спорт го удвои водството, а најзаслужен за тоа е можеби најдобриот играч на охриѓани оваа сезона Алекса Марушиќ.

По една отстранета опасност по корнер на „романтичарите“, одличниот црногорски напаѓач, спринтираше во стилот на Усеин Болт и кога дојде „очи во очи“ со гостинскиот голман биеше прецизно за нова радост на трибините во Охрид.

Но, „романтичарите“ експресно се вратија во игра, затоа што седум минути по голот на Марушиќ, Камерунецот Гандо конечно успеа да со совлада денес расположениот Велии и намали на 2-1. Голот на камерунскиот офанзивец како да им даде „крилја“ на гостинските фудбалери, кои продолжија со нападите и тоа вроди со плод во самиот финиш, кога по фантастична тимска акција Тодоровски беше прецизен и израмни на 2-2.

Сепак, радоста во таборот на Работнички траеше само три минути, бидејќи Воска не се распадна по двата примени гола, туку напротив, со сите сили тргна во напад и резервистот Олатунбосун се најде на вистинско место во вистинско време и стрелаше за конечни 3-2.

Воска со денешните три бода на пауза ќе замине со 20 бода и деветто место, додека Работнички остана на шестата позиција.