• Саше Љолес

Екипата на Работнички испушти шанса за втор сезонски триумф и ремизираше на гостувањето кај Шкупи (1-1) во натпреварот од деветтото коло на Првата македонска фудбалска лига.
Натпреварот започна со солидно темпо, Работнички беше тимот што повеќе напаѓаше и се закани неколку пати по голот на Шкупи, но не видовме гол во воведните минути. Шкупи повеќе мислеше на дефанзивата и само повремено истрчуваше во напад, но не делуваше дека е во подредена улога.
Дебармаалци имаа и нови прилики и нафрлени топки преку Спахиу, Трајков и Мециновиќ во следниот период, се трудеа да го отворат резултатот и постојано продираа по крилните позиции.
Сепак, се случи сосема спротивното. Шкупи одигра една добра акција по левата страна, дојде до ситуација за шут, а тука навистина лошо реагираше голманот Петар Јакимов, кому топката му се лизна низ рацете и му подари гол на напаѓачот Ерион Шуку. „Фенерџијата“ поведе со 1-0 во 25. минута, предност која успеа да ја задржи до паузата меѓу двете полувремиња.
Очекувано, Работнички тргна во поголема офанзива на стартот од вториот дел. Елези упати солиден удар во 53. минута, но топката мина крај голот. Тоа што не успеа Елези, му појде од рака на Ермедин Адем, кој доби одлична аситенција на десетина метри од голот и откосо биеше прецизно во мрежата на Шкупи.
Работнички израмни на 1-1 во 61. минута и доби поголема мотивација за остатокот од мечот. Продолжи инцијативата на „романтичарите“, кои постојано ја држеа топката кај себе, иако и Шкупи имаше една солидна шанса преку Ричков, но Јакимов ја исфрли топката над голот.
Времето полека одминуваше и се чинеше дека Работнички може да дојде и до целосен пресврт. Иницијативата кулминираше со карамболот пред голот на голманот Гроте, кога беше погодена и пречката, но и покрај ударот на Трајков, на крајот резултатот не се промени и ривалите мораа да се задоволат со поделба на бодовите (1-1).
За Шкупи ова е прв бод во новата сезона во ПМФЛ, додека Работнички испушти шанса за втор триумф и останува на претпоследната позиција на табелата со вкупно пет бодови. Во следното коло дебармаалци ќе се сретнат со Македонија ЃП, додека Шкупи ќе гостува во Куманово кај екипата на Башкими.




