Работнички му даде „шестка“ на Тре Пене и чека на Динамо Минск и Рунавик!

Екипата на Работнички на реванш-натпреварот од 1. коло на квалификациите за Лига Европа против Тре Пене извојува сигурен триумф (6-0) и се пласира во наредниот квалификациски филтер од најмасовното европско клупско натпреварување.

„Романтичарите“ ја потврдија фаворитската улога и предводени од Најденов, Сахити и Маркоски, како и Велинов кој беше брз двоен стрелец, дојдоа до посакувана наредна рунда каде ќе го чекаат подобриот од мечот меѓу Динамо Минск и Рунавик.

Уште од самиот старт на мечот Работнички ја зеде иницијативата во свои нозе, па направи две шанси преку Трајчевски, но голманот на гостинот од Сан Марино беше добро поставен. Се закани и Дурански, но не успеа да погоди, додека Тре Пене ја имаше првата прилика да казни во 12. минута, кога Мартини излезе пред Шишковски, но шутираше само во голманот.

Првиот гол на мечот домаќинот го постигна во 28 минута, кога Суад Сахити проигра со Дурански, излезе еден на еден пред голманот Мигани и реализираше без проблем, за отворање на резултатот. Темпото на игра во продолжението малку падна поради топлото време, а првата прилика по повеќе од десет минути ја имаше повторно Марини, кој биеше над голот на Работнички.

Пред самиот финиш на вториот дел Работнички постигна и втор гол, преку Најденов, по една грешка на дефанзивата на Тре Пене. Со два гола предност Работнички замина на полувреме, а во воведните минути од вториот дел, поточно во 59 минута, Најденов постигна и втор гол, од слободен удар, за 3-0.

Треневски направи две измени во продолжението на мечот, но ниту тоа не ја сопре доминацијата на домаќинот. Со гол на Кире Маркоски во 71 минута кој налета на една одбиена топка пред празниот гол, „романтичарите“ поведоа со 4-0, а потоа, следеа два брзи гола на новото засилување Стојанче Велинов, во 82 и 83 минута, за 6-0.

Работнички својот противник во 2. коло ќе го добие нешто околу 21.15 часот.