• Саше Љолес

Екипата на Работнички се избори за важна победа и го победи тимот на Арсими со конечни 2-0 (0-0) во натпреварот од 28. коло на Првата македонска фудбалска лига.
Првото полувреме не понуди многу возбуда за малубројната публика на Арената „Тодор Проески“ во Скопје. Двете екипи имаа свои моменти на офанзива, но без посериозни прилики пред двата гола. Арсими на моменти изгледаше дека е за нијанса подобар тим на теренот, иако и Работнички се обиде во два наврата да се закани преку Муарем и Адем. Топлото и сончево време понуди идеални услови за игра, но до крајот на првите 45 минути не видовме голови.
Гостите подобро го започнаа второто полувреме, тргнаа во поголема офанзива, но им се случи шок по само девет минути игра. Работнички одигра една одлична акција, топката дојде до Мерџани, кој одлично го пронајде Сухељ Муарем, а овој немаше проблеми да го совлада голманот Силјановски.
„Романтичарите“ поведоа со 1-0 и добија мотив повеќе за остатокот од мечот. Арсими веднаш се обиде да притисне и да дојде до некоја посериозна прилика за израмнување, но домаќините беа фокусирани во одбраната. Не се откажуваа гостите од офанзивниот пристап и долго кружеа околу шеснаесетникот на Работнички. Во периодот околу 70. минута се чинеше дека Арсими е подобар ривал на теренот, но без конкретен успех пред домашниот гол.
Двете клупи се решија на промени во тимовите, во игра влегоа неколку свежи играчи, но потоа темпото малку запре, а времето работеше во корист на домаќинот. Имаше Арсими добра шанса преку Рамадани, се обиде да изнуди и пенал, но судијата Илиоски одмавна со рацете, a потоа подели и два жолти картони поради протестите на гостинската клупа.
Имаше Арсими и завршна иницијатива пред домашниот гол, сакаше по секоја цена да дојде барем до еден освоен бод, но шансите на Гафури и Гони останаа без реализација. Работнички на крајот успеа да ја сочува предноста, а згора на тоа, постигна и втор гол преку Хоџа, кој ги постави конечните 2-0 во последните секунди од натпреварот.
Дебармаалци сега имаат 28 бода, еден помалку од Пелистер, додека Арсими е на една позиција над опасната зона со 35 бода на своето салдо. Во следното коло, Работнички гостува кај Македонија ЃП, а екипата на Арсими ќе има голема шанса за нови бодови на мечот против Шкупи.








