ВИДЕО: Работнички го реши Хонвед и со предност ќе патува за Унгарија

Македонскиот претставник во Лигата на Европа, екипата на Работнички, ги почна настапите во најмасовното европско фудбалско натпреварување со победа и со 2-1 (1-1) во Скопје го совлада унгарски Хонвед.

„Романтичарите“ ги реализираа своите шанси, но може да жалат затоа што триумфот не е поубедлив. Хонвед, пак, тешко креираше шанси, се обидуваше да го изненади Божиновски од далечина и од прекин, но тоа успеа само еднаш, кога Наѓ постигна вистински еврогол од триесетина метри. За Работнички погодија Петар Петковски и Николче Шаркоски, а во финишот добри шанси пропуштија Џефри и Филип Петковски.

Натпреварот почна доста мирно, без сериозни шанси. И двата тима играа динамично, со голема борба на средината. а имаа и две закани од далечина. Прв на мечот поведе Работнички, кога постигна гол Петар Петковски, кој во 34. минута доби одлична топка од Пеев, излезе еден на еден пред голманот Гроф и го отвори Хонвед.

Гостинот пи примениот гол се разбуди и нанижа неколку шанси, но дефанзивата на „романтичарите“ реагираше на потребното ниво. Отпорот се скрши во 45. минута, кога Наѓ постигна ефектен гол од далечина, од речиси триесетина метри, за 1-1 на паузата.

И двата тима го продолжија мечот во исти состави, тренерите не правеа замени, а слично како и на стартот на мечот шансите недостасуваа во воведните минути од вториот дел. Предноста Работнички ја врати во 60. минута, кога погоди Николче Шаркоски, по одлична асистенција на Стевановиќ. Српскиот интернационалец нафрли од левата страна, а новајлијата ја дочека топката во шеснаесетникот и од прва биеше во мрежата на Унгарците.

Во последните десет минути од мечот, Филип Петковски имаше одлична шанса да погоди третпат во мрежата на Хонвед по еден голем кикс на голманот и еден од дефанзивците, но сепак, Гроф спаси од самата гол-линија.

Реваншот во Будимпешта меѓу Хонвед и Работнички е закажан на 17 јули од 18.00 часот.