• Саше Љолес
Португалскиот фудбалски гигант, Порто, објави рекордна добивка од 39,2 милиони евра во сезоната 2024/2025, што е голем пресврт во однос на минатогодишната загуба од 21,1 милиони евра.
Акционерите во клубот едногласно ги одобрија годишните извештаи, а претседателот на клубот, Андре Виљаш-Боаш, рече дека ова е голем ден за Порто и дека тој и неговиот тим ќе дадат максимум за да продолжат во иста насока.
Профитот на Порто е уште поимпресивен со оглед на тоа што клубот не играше во Лигата на шампионите минатата сезона, со што остана без огромна сума од 48 милиони евра.
Наместо тоа, тие ги намалија трошоците за 17 проценти (околу 30 милиони евра) и се потпреа на трансфер пазарот. Португалскиот гигант оствари добивка од околу 20 милиони евра во текот на летниот преоден рок.
Медиумите пишуваат дека Порто успеа да ја постигне вистинската финансиска рамнотежа. Клубот го направи она што многу од најголемите европски клубови се мачат да го постигнат - да остварат профит и позитивен биланс без никакво задолжување на клупската каса.


