• Мартин Танасковски
Играчите на Окленд Сити, клуб што со години доминира во клупскиот фудбал во Океанија, оваа година добиваат можност која се случува еднаш во животот — да заиграат на ист терен со светските фудбалски гиганти на новоформатираното Светско клупско првенство во САД.
Се работи за клуб во кој повеќето од фудбалерите се полупрофесионалци – меѓу нив има луѓе од секторот за продажба, агенти за недвижности, наставници и студенти – но и покрај тоа, кај нив мотивацијата и посветеноста се на врвно ниво. Тие не се играчи со милионски договори или настапи во најсилните лиги, но нивниот пат до тука бил полн со труд и жртва. Повеќето играчи зеле еден месец неплатен одмор од работа за да бидат дел од овој фудбалски настан.
„Ова се тимови кои сме навикнати да ги гледаме во Лигата на шампионите и финалињата на европските купови, па само тоа што ќе застанеме на истиот терен со нив и ќе се натпреваруваме — тоа е нешто неверојатно. Се надеваме на добар настап,“ вели напаѓачот Ангус Килколи и продолжи:
„Ова е голема шанса за нас да ги покажеме нашите личности, да покажеме дека заслужуваме да бидеме тука и дека сме добри фудбалери. Кога бевме мали, сите сонувавме да бидеме професионални фудбалери. Можеби не стигнавме таму каде што се тие момци, но сите напорно работевме, тренираме секојдневно за да бидеме во најдобра форма за вакви турнири и да го дадеме најдоброто од себе.“, додава тој.
Светското клупско првенство за Окленд Сити е повеќе од натпревар — тоа е остварување на детските соништа, борба за признание и доказ дека и надвор од големите лиги растат вистински фудбалски приказни. Тимот кој доминира во клупскиот фудбал во Океанија, ќе настапи на своето дванаесетто Светско клупско првенство – повеќе од било кој друг клуб. Во 2014 година завршија како трети, но годинава форматот е драстично променет – од досегашните седум екипи, бројот е зголемен на 32, со дури 12 од Европа.
Ждрепката донесе исклучително тешка група за малиот клуб, ќе играат со Баерн Минхен, Бенфика и Бока Јуниорс. Настанот го отвораат со почеток од 18:00 часот против Баерн Минхен.
ФОТО: Auckland City Football Club / Facebook