Рабио го повикува Погба да го облече дресот на Олимпик Марсеј

Фудбалерот на Олимпик Марсеј, Адриен Рабио, го повика својот поранешен соиграч Пол Погба да му се придружи во францускиот клуб откако ќе му истече суспензијата следната година.

„Би сакал да играм со Пол. Го повикувам да дојде да игра во Марсеј“, изјави Рабио.

Погба беше позитивен на тестостерон во август минатата година, со што ја заработи максималната казна од италијанскиот антидопинг суд. По жалбата, казната на Погба е намалена од четири години на осумнаесет месеци и тој ќе може професионално да се занимава со фудбал од март следната година. И покрај ова, Погба и Јувентус со заедничка согласност го раскинаа договорот во ноември.

Рабио и Погба беа клупски колеги во Јувентус, откако Погба се врати во италијанскиот клуб од Манчестер Јунајтед во 2022 година.

„Бевме заедно кратко време во Јувентус. Немавме многу можности да играме заедно поради неговите повреди. Бев многу разочаран поради тоа", додаде Рабио.

Адриен му се приклучи на Марсеј овој септември, откако не го продолжи договорот со Јувентус, клуб за кој настапуваше од 2019 година.