„Пума“ го краде Стерлинг од „Најк“ со огромен спонзорски договор?

Рахим Стерлинг се наметна во дресот на Манчестер Сити како лидер на тимот предводен од Пеп Гвардиола и со добрите партии, тој ќе добие продолжување на договорот со астрономска плата. 

Сепак, Англичанецот може дополнително да се збогати бидејќи спонзорскиот договорор кој го има со компанијата „Најк“ му истекува за неколку месеци. Интересот за потпис со него е огромен, па „Пума“, „Адидас“, „Андер Армор“ и „Њу Баланс“, веќе чекаат во редот да го направат Стерлинг свое заштитно лице. 

Според најавите на „Скај Спортс“, германската компанија „Пума“ е лидер и најголем претендент да се договори со крилниот напаѓач, бидејќи има во план да му понуди 115 милиони евра за десет годишен договор. Тоа би значело дека Стерлинг ќе заработува по 11,5 милиони за една сезона, што е сума која останатите тешко дека ќе му ја понудат. 

Доколку англискиот играч потпише договор со „Пума“, тоа би било добро и за угледот на Манчестер Сити, бидејќи од 2019 година компанијата е задолжена за опремата на „граѓаните“.