• Мартин Танасковски
Долго време Ленс беше на врвот на табелата во Лига 1, разгорувајќи ги фантазиите на љубителите на фудбалот дека сезонава може да се случи вистинска сензација и титулата да заврши во нивни раце наместо кај европскиот шампион Пари Сен Жермен. Сепак, последните резултати сериозно ја доведуваат во прашање таа „бајка“.
- Извештај од натпреварот:
Ленс во минатото коло влезе како лидер, но доживеа домашен пораз од Монако, а во 24. рунда гостуваше кај незгодниот Стразбур и одигра 1-1. Со тоа тимот сега има бод помалку од ПСЖ (53-54), кој утре гостува кај Авр и со евентуална победа може да се одлепи на плус четири. Стразбур, пак, се искачи на седмото место со 35 бодови и останува во трка за излез во Европа.
Домашниот состав поведе во 18. минута по голема грешка на дефанзивецот на Ленс, Ганију, кој му овозможи на Факундо Паничели да излезе сам пред голманот Рисер. Аргентинскиот напаѓач мајсторски реагираше и со прецизен лоб од околу 17 метри донесе водство од 1-0.
До крајот на првото полувреме Стразбур ја контролираше играта, но во вториот дел Ленс силно притисна. Израмнувањето пристигна во 62. минута, кога по корнерот што го изведе Флоријан Тован, одбиената топка стигна до Исмаел Сангере, кој со силен удар од дваесетина метри ја затресе мрежата за 1-1.
По погодокот гостите тргнаа уште поофанзивно во обид да стигнат до цел плен, но резултатот остана непроменет. Со само еден освоен бод од последните два натпревари, Ленс „расфрли“ пет важни поени и, доколку продолжи во овој ритам, трката со Пари Сен Жермен би можела брзо да ја изгуби неизвесноста.








