• Мартин Танасковски
Во последниот натпревар од 13. коло на француската Лига 1, Пари Сен Жермен на „Паркот на принцовите“ убедливо ја совлада екипата на Авр со 3-0 и се врати на врвот на табелата, со два бода предност пред Марсеј и Ланс.
Гостите одолеваа до 29. минута кога Канг-Ин Ли постигна погодок за водство на ПСЖ, по комбинацијата со Нуну Мендеш, што го означи и крајот на првото полувреме со резултат 1-0. Веднаш по почетокот на второто полувреме, Мајулу имаше шанса да ја удвои предноста на домаќините. По индивидуален продор низ средината на теренот, тој се најде на работ на шеснаесетникот и упати удар, но топката заврши покрај десната статива.
Пари Сен Жермен продолжи да создава шанси, а нивната доминација кулминираше со вториот погодок во 65. минута. Баркола двапати се обиде да постигне погодок, но голманот на гостите успешно ја одби топката, која на крајот стигна до Невеш, кој помеѓу двајца противнички играчи успеа да упати прецизен удар во левата страна на голот на Дијо, за 2-0.
Само пет минути подоцна, Сумаре имаше идеална прилика за ПСЖ, кога од десетина метри, малку од десната страна, упати силен удар, но стативата повторно го спречи погодокот. Веднаш потоа, тренерот Луис Енрике изврши двојна замена, а еден од играчите што влегоа во игра, Квича Кварачелија, проследи совршена топка во казнениот простор на гостите до Бредли Баркола, кој не ја пропушти шансата и го постави конечниот резултат 3-0 за ПСЖ.







