• Саше Љолес
Француските медиуми на големо пишуваат дека управата на ПСЖ сериозно „загризала“ за доведување на бразилската ѕвезда од редовите на Реал Мадрид, Винициус Жуниор.
„Фишаес спортс“ пишува дека „светците“ од Париз испратиле помалку непристојна понуда до Реал во вредност од вртоглави 300 милиони евра, од кои 250 би биле за директен трансфер, а уште 50 милиони се во вид на разни бонуси за остварен учинок и успех.
Доколку „кралевите“ ја прифатат понудата, овој трансфер би го срушил досегашниот рекорд на Нејмар во ПСЖ, кој вредеше 222 милиони евра и би го направил Винициус најскапиот фудбалер во историјата. Деновиве зачестија шпекулациите дека Бразилецот е презаситен во дресот на мадриѓаните и следната сезона би можел да побара нов предизвик во кариерата, а тука се вмешаа и клубови од Саудиска Арабија, кои сигурно нема да штедат средства за доведување на Винициус.
Бразилскиот репрезентативец е во Реал Мадрид од 2018 година и досега одигра над 200 натпревари, постигнувајќи 97 гола во сите конкуренции. Важи за еден од најдобрите светски играчи, а неодамна беше „тесно“ поразен од Шпанецот Родри во битката за „Златната топка“.