• Иван Димовски
Фудбалерите на Пари Сен Жермен ја забележаа десеттата победа во Лига 1 и тоа на каков начин, со високи 5-0 против Рен. Тимот на Луис Енрике целосно ја оправда фаворитската улога и не си дозволи нов кикс.
- Извештај од натпреварот:
Рен се бранеше на стартот и одолеваше на налетите, а првпат одбраната капитулира во 28. минута кога Квича Кварацкелија го отвори резултатот (1-0). До полувремето Сени Мајулу успеа да се впише меѓу стрелците по асистенција од Невеш за удвојување на позитивата (2-0).
Парижани наредија неколку шанси и на стартот на вториот дел, пред Кварацкелија да реализира вторпат за 3-0 во 67. минута. Следуваше серија измени на двете страни, а на нов гол се чекаше до самиот крај. Ибрахим Мбаје и Гонсало Рамош беа егзекутори на четвртиот и петтиот гол во мрежата на гостите за висока победа на крајот.
ПСЖ моментално се наоѓа на втората позиција со 33 бода, еден помалку од хитот Ленс, додека Рен има 24 и е шестопласиран.







