ПСЖ се спаси во 95. минута и по пеналите го победи Марсеј за нов Суперкуп-трофеј!

Пари Сен Жермен го освои прво трофеј во новата сезона во францускиот фудбал, откако во Суперкупот го совлада Олимпик Марсеј по подобро изведените пенали. По регуларните деведесет минути игра на натпреварот во Кувајт, резултатот беше 2-2, а тимот на Луис Енрике во пенал-серијата славеше со 4-1.

  • Извештај од натпреварот:

„Светците“ на тој начин го освоија својот 14. трофеј од францускиот Суперкуп, а четврти трофеј по ред по голема борба со својот најжесток ривал. Од почетокот на сезоната, ова е трет трофеј на ПСЖ по освојувањето на Европскиот Суперкуп и Интерконтиненталниот Куп.

Парижани имаа водство по првото полувреме, откако најдобриот фудбалер за минатата година, Осман Дембеле на асистенција на Витиња погоди за 1-0, резултат со кој заврши првото полувреме. Во второто се играше далеку поатрактивно и поотворено, а тоа резултираше со три гола. Марсеј израмни преку Гринвуд, а потоа Пачо си постигна автогол за целосен пресврт и водство на Марсеј од 1-2. Момците на Де Зерби со една рака го држеа трофејот, но потфрлија во самиот финиш, откако во петтата минута од судиското продолжение Рамос стрелаше за 2-2 и пенали.

Фудбалерите на Пари Сен Жермен се покажаа како подобри пеналџии и по одбраните на Шевалие по ударите на О’Рајли и Траоре, Дезире Дуе им го донесе трофејот од Суперкупот на парижаните.