• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Пари Сен Жермен повторно се искачија на врвот на табелата во Лига 1, откако на гостински терен го совладаа Мец со 3-2 во рамки на 16. коло. Иако трите бода беа доволни за враќање на лидерската позиција, поголемо внимание привлече историскиот податок дека тимот на Луис Енрике постави нов клупски рекорд по бројот на постигнати голови во една календарска година.
- Извештај од натпреварот:
Со головите на овој натпревар, „светците“ стигнаа до бројката од 173 реализирани погодоци во 2025 година, со што го надминаа претходниот рекорд од 2017 година. Сепак, овој статистички успех тешко може целосно да ја засени фактичката слика на теренот, бидејќи актуелниот европски шампион и понатаму делува нестабилно и подложно на падови во играта.
По неубедливото реми во Билбао во Лигата на шампионите, ПСЖ отпатува во Мец со јасна цел, да се врати на челната позиција во домашното првенство, барем до дербито меѓу Ленс и Ница. Отпорот на Мец беше скршен во 31. минута, кога Гонзало Рамош одлично се снајде во шеснаесетникот и со прецизен удар со глава го отвори резултатот по центаршутот на Ли. Само осум минути подоцна, предноста беше зголемена, откако младиот Ендјанту, роден 2007 година, мајсторски ја искористи ниската топка од Ембаје и ја смести во мрежата за 0-2.
Сепак, натпреварот далеку од тоа дека беше решен. Во финишот на првото полувреме, Жеси Деманж со одлична реакција од прва намали на 1-2, најавувајќи многу поинтересно продолжение. Во вториот дел, ПСЖ повторно успеа да воспостави контрола, а во 63. минута Дезире Дуе ја круниса контра-акцијата со гол за ново водство од два разлика, што делуваше како клучен момент на средбата. Но, домаќините не се предадоа. Во 80. минута, Ѓорги Цитаишвили со прекрасен удар повторно ја врати неизвесноста и внесе нервоза кај гостите од Париз.
До самиот крај, ПСЖ успеа да го сочува минималното водство и да ги освои бодовите со кои сега има два повеќе од Ленс на врвот на табелата







