ВИДЕО: ПСЖ падна и во Англија, Сити на Пеп ќе игра прво финале во ЛШ!

Фудбалерите на Манчестер Сити повторно го победија ПСЖ, овојпат на „Итихад“ со 2-0 (1-0) и се пласираа во големото финале на Лигата на шампионите. Пеп Гвардиола го најде решението за Маурицио Почетино и го водеше својот Сити до прво финале во историјата на клубот. Парижани не успеаја да го сопрат расположениот Ријад Марез, кој во два наврати се најде на вистинското место да ја смести топката во мрежата на гостите. Со триумфот од Париз, „граѓаните“ со убедливи 4-1 се радуваа на финалето. 

  • Извештај од натпреварот: 

Условите за игра не беа најдобри, на теренот во Манчестер се насобра мал слој на снежна покривка, што влијаеше на стартот. Натпреварот тргна со кратко надмудрување на средината од теренот, но бргу гостите тргнаа поагресивно по погодок. Веќе по седум минути игра, изгледаше дека тоа вроди со плод, бидејќи Бјорн Куиперс покажа на белата точка поради наводна игра со рака на Олександр Зинченко. Сепак, по преглед на снимката беше потврдено дека е удар во рамото и одлуката беше сменета.

Казната на спротивната страна пристигна во 11. минута, во акција која ја започна голманот Едерсон. Долгата топка до Зинченко беше проследена со обид на Де Брујне кој беше блокиран, а од втор план погоди Ријад Марез за 1-0 на стартот. 

Тоа не ги смени многу работите, бидејќи ПСЖ секако мораше да постигне два погодоци. Бргу по примениот гол, по прекин пречката ја погоди Маркињос, а голема можност испушти и Анхел Ди Марија. Едерсон погреши, фрли лоша топка која Аргентинецот ја украде и биеше кон небранетиот гол, ама ударот заврши крај стативата. До крајот на првото полувреме изостанаа сериозните шанси, тензијата порасна, а Манчестер Сити одлично се бранеше. 

Вториот дел започна според очекуваното, ПСЖ тргна поотворено и остави простор во дефанзивата. Прв кој тоа можеше да го искористи беше Фил Фоден, но голманот Навас му одбрани зицер, а во текот на акцијата младиот англиски играч биеше и од далечина, но повторно неуспешно. 

Парижани не беа доволно конкретни и често нивните акции завршуваа неславно, а ако му остави премногу простор на тим како Сити, тоа ќе ти се одбие од глава. Контрата за вториот погодок на „граѓаните“ ја повлече Фоден, проигра со Де Брујне и повторно тој упати топка на втората статива каде што влета Ријад Марез, кој стрелаше за 2-0. Алжирецот немаше тешка задача, доби „сервирана“ топка од Фоден и вторпат вечерва, а третпат во двомечот го матира Кејлор Навас

Фрустрацијата беше преголема, играчите на ПСЖ почнаа полека да ги губат нервите и тензијата порасна. Тоа резултираше со неспортски потег на Анхел Ди Марија, кој мислејќи дека нема да го видат ни судиите, ни камерите, намерно го зназна Фернандињо, но заработи директен црвен картон и го остави тимот на цедило. Покрај него и останатите играчи на парижани играа остро и беа груби кон ривалите, а Сити ја играше својата игра и правеше нови шанси. Најголемата ја испушти Фил Фоден, кој немаше среќа и ја стресе стативата, иако веќе го измами Навас. 

Сити искусно и мирно го приведе натпреварот кон крајот, ПСЖ доживеа тешка елиминација, а момците на Пеп ќе играат во големото финале на 29 мај во Истанбул.