• Горан Упале
Фудбалерите на Лил на домашен терен со 3-1 извојуваа сигурна победа над Брест во 14. коло од Лига 1. Иако се очекуваше вистинско европско дерби, со оглед на тоа што и двете екипи имаа доста завидни резултати во Европа, на крајот се покажа дека главниот збор го имаат домашните фудбалери предводени од Џонатан Дејвид.
Еден од најбараните напаѓачи во Европа постигна два гола, првиот во седмата, а вториот во 69. минута од натпреварот. Помеѓу неговите два гола погоди и Хакон Арон Харалдсон во 44. минута. Утешниот гол за Брест го постигна Лудовик Ажорке во третата минута од вториот дел. По овој натпревар Лил е на третото место со 26 бода, додека Брест е на 11. место со само 16 бода.
Сепак, најголемото изненадување во Франција денес го приреди малиот Оксер, кој одолеа на налетите на моќниот ПСЖ и пред својата публика се избори за голем бод (0-0).
Парижаните очекувано доминираа, имаа дури 73% од топката во своите нозе, а шутнаа дури 25 пати кон противничкиот гол. Сепак, херој на Оксер беше голманот Донован Леон, кој имаше неверојатни единаесет одбрани на натпреварот.
И покрај ова реми, ПСЖ е на првото место со 34 бода, а Оксер сега се искачи на високата осма позиција со 20 бода.