• Саше Љолес

Информациите што доаѓаат од Франција велат дека сериозно се тресе столчето на тренерот на ПСЖ, Кристоф Галтие, а медиумите веќе шпекулираат со името на неговиот наследник.
Ситуацијата кај „светците“ е „зовриена“ по серијата неуспеси, како во Лигата на шампионите, така и после поразот од Рен на домашен терен, па затоа веќе на големо се зборува за евентуалната тренерска смена кај парижаните. Многумина мислеа дека Галтие ќе заработи отказ по двомечот со Баерн Минхен, па потоа и после поразот од Рен, но сепак тој уште е предводник на ПСЖ, а голем знак прашалник е дали ќе успее да ја издржи сезоната до крајот или ќе биде отпуштен пред истекот на актуелната кампања.
Еден од потенцијалните кандидати за тренерско место беше и Томас Тухел, кој буквално беше избркан од ПСЖ пред три сезони и се зборуваше дека челниците на парискиот тим ја „закопале секирата“ со Германецот, но сепак денешните информации издвојуваат двајца кандидати со исклучително богато резиме и огромно искуство. Наводно, управата на ПСЖ веќе стапила во контакт со Антонио Конте кој е на излезна врата во Тотенхем и со легендарниот Зинедин Зидан кој подолго време е без тренерски ангажман. И двајцата се модерни тренери со одлична тактичка подготовка, а во своето портфолио имаат и многу освоени трофеи.
Навивачите на ПСЖ одамна го исвиркуваат актуелниот тренер Галтие, притисокот врз него секојдневно се зголемува, а згора на тоа има и проблеми во соблекувалната, особено со незадоволството на Аргентинецот Лионел Меси.
Сето ова дополнително ја комплицира ситуацијата и се очекува многу наскоро да го дознаеме името на новиот тренер на Пари Сен Жермен. Останува непознато кој од овие двајца тренери ќе го замени Галтие и кога би се случила промената. Голема е веројатноста дека тоа ќе биде обелоденето веднаш по завршувањето на сезоната во Лига 1, а тоа е единствениот трофеј за кој ПСЖ може да се бори сезонава, по испаѓањето од Лигата на шампионите и од Купот на Франција.