• Иван Димовски
Пари Сен Жермен ја заокружи успешната недела со минимална победа од 0:1 на гостувањето кај Авр во 24 коло од Лига 1, но без блескава партија каква што се очекува од лидерот.
- Авр - ПСЖ 0-1:
По пласманот во осминафиналето на Лигата на шампионите со добиениот двомеч против Монако, тимот на Луис Енрике допатува со цел да ја зголеми предноста пред Ленс и во тоа успеа, иако не доминираше. Домаќинот покажа храброст и неколкупати се закани, но Матвеј Сафонов беше сигурен меѓу стативите.
Клучниот момент се случи во 37. минута кога Бредли Баркола со глава ја искористи одличната асистенција на Канг Ин Ли и донесе водство од 0-1. Парижаните можеа и порано да го решат мечот, Квича Кварацкелија ја погоди стативата, а во 79 минута беше досуден и пенал, но домашниот голман го одбрани ударот на Дезире Дуе. Авр до крајот се обиде да стигне до бод, имаше неколку опасни ситуации, но одбраната на ПСЖ издржа. Со новите три бода, шампионот сега има четири повеќе од Ленс и останува на врвот на табелата.
Монако во терминот од 19:00 часот го добие дуелот со Анжер (2-0).
- Монако - Анжер 2-0:
По првиот дел во кнежевството немаше погодоци, а потоа во продолжението со головите на Балогун и Адингра „кнезовите“ стигнаа до трите бода.









