• Саше Љолес

Претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, тргнува во контра-офанзива и следното лето сака да доведе дури петмина играчи на Реал Мадрид во својот тим. Оваа реакција доаѓа по жестоките напади од мадрискиот клуб, кој на сите можни начини летово се обидуваше да го реализира трансферот на Килијан Мбапе.
Француските медиуми пишуваат дека одредени потези на Реал Мадрид воопшто не му се допаднале на Ал-Келаифи, кој со сите сили се бореше да ја задржи првата ѕвезда во екипата. Мбапе посакуваше трансфер кај „кралевите“ и одби да потпише нов договор со ПСЖ, што значи дека следното лето ќе може да замине од Париз како слободен играч, а „светците“ нема да добијат ниту едно евро отштета за трансферот.
Брзоногиот фудбалер сѐ уште нема ставено потпис на новиот едногодишен договор и прашање е дали тоа воопшто ќе се случи, а одамна е познато дека богатите катарски сопственици се чувствуваат изневерено и по секоја цена ќе сакаат да му се „одмаздат“ на Реал Мадрид. Се шпекулира дека ПСЖ следното лето со силна офанзива ќе тргне по петмина играчи, а тоа се Винисиус Жуниор, Родриго, Орелиен Чуамени, Едуардо Камавинга и Федерико Валверде.
Оваа листа е составена од играчи кои се сметаат за иднината на Реал и врз кои би се темелела играта на „кралскиот клуб“, а најтешка ќе биде мисијата со Бразилецот Винисиус, кој се смета за „недопирлив“ и евентуален негов трансфер во Париз би бил вистинска „бомба“ во Европа. Не е познато дали играчите сакаат да се преселат во ПСЖ, но парижаните сигурно нема да имаат проблем да им понудат огромна и примамлива плата.
Офанзивата на ПСЖ е дел од новата стратегија која предвидува клубот да купува само млади и талентирани играчи, од кои може да се очекуваат големи успеси во блиска иднина. „Светците“ одамна ја посакуваат титулата во Лигата на шампионите, но никако не можат да состават тим кој ќе успее да стигне до тронот на фудбалска Европа.