• Саше Љолес
Пари Сен Жермен ги потврди првите две летни засилувања. Со денови се шпекулираше за преминот на Мануел Угарте и Марко Асенсио, а денес стигнува и официјална потврда за реализација на трансферите.
Угарте е дефанзивен играч за врска, а по потреба може да заигра и на стоперската позиција. 24-годишниот Уругваец доаѓа од Спортинг Лисабон за сума од шеесет милиони евра. Второто засилување за ПСЖ е искусниот Марко Асенсио, кој пред само три дена се збогуваше со Реал Мадрид и веднаш потпиша договор со францускиот гигант. Шпанецот доаѓа во ПСЖ како слободен агент и без никаква отштета.
„Светците“ најавија голем „ремонт“ во тимот, заминуваат тренерот Кристоф Галтие и неговиот стручен штаб, како и две од трите најголеми ѕвезди, Лионел Меси и Бразилецот Нејмар. Двајцата одамна добиваат свирежи од навивачите кои се незадоволни од нивниот перформанс, па изгледа дека нивниот престој во Париз полека завршува.
Фановите на ПСЖ се сигурно среќни поради овие потези на управата и се надеваат дека нивните миленици ќе имаат далеку подобри настапи во следната сезона. Угарте и Асенсио се играчи со големо искуство, имаат многу трофеи позади себе, а тоа особено важи за Шпанецот кој доаѓа во Париз со дури седумнаесет освоени трофеи, од кои три се во Лигата на шампионите.
Мануел Угарте воедно е уругвајски репрезентативец и досега забележа осум настапи за националниот тим, додека Асенсио има над 40 настапи за „црвената фурија“.