• Иван Димовски

Пари Сен Жермен славеше на гостувањето кај Анжер со 0-3 (0-2), и е на чекор до трофејот во лигата по дуелите од 33. коло на француската Лига 1. Парижани ја завршија својата задача, но не дочекаа кикс на Олимпик Марсеј и ќе мора да се стрпат за математички да ја обезбедат титулата.
- Анжер - ПСЖ 0-3:
Избраниците на Почетино одиграа како што се очекуваше од нив, иако од тимот изостанаа ѕвезди како Меси, Нејмар, Верати и Кимпембе. Килијан Мбапе беше човекот кој го отвори резултатот по 28. минути игра, по асистенција на Хакими. Меѓу стрелците во првиот дел успеа да се запише и Серхио Рамос, кој по корнерот на Ди Мариа стрелаше со глава за 0-2.
Продолжението беше рутина за ПСЖ, кој имаше контрола на играта, одлично водство и резултат каков што се очекува. Парижани стигнаа и до трет погодок по втората асистенција на Ди Мариа, а стрелец беше Маркињос за во 77. минута да ги постави конечните 0-3.
Екипата на Олимпик Марсеј се радуваше по пресврт против Нант со 3-2 (1-2). Второпласираниот тим во Франција се измачи за да дојде до триумф и иако нема реални шанси, сепак математички остана да го брка ПСЖ. Џирото го отвори резултатот за Нант, а Паје израмни од белата точка. До паузата преку Коко гостинот успеа повторно да поведе (1-2). Пресвртот на Марсеј го најави Дмитри Паје со вториот погодок од белата точка, за потоа Харит да стрела за 3-2 во 75. минута.
Парижани со 77 бода се пред трофеј, Марсеј има 62 на пет кола до крајот. Математички постои шанса за Марсеј, меѓутоа е нереално бидејќи ПСЖ има значително подобра гол-разлика.
На останатите терени Брест го шокира Лион (2-1), Ленс слави со Монпелје (2-0) и Стразбур го доби Рен (2-1).