ПСЖ го договори Асенсио, но вистинската „бомба“ од Париз допрва ќе го тресе фудбалскиот свет!

Францускиот шампион ПСЖ летово сигурно ќе направи одредени промени во играчкиот кадар и како и обично ќе донесе звучни засилувања со надеж дека конечно ќе успее да ја освои Лигата на шампионите во новата сезона. Доаѓањето на Марко Асенсио е веќе завршена работа, но парижаните работат на уште еден трансфер кој би можел да биде најголем во летниот преоден рок.

Парижаните веќе неколку години се едни од најактивните клубови на пазарот секое лето во однос на доведување на нови имиња, а сигурно е дека истото ќе биде и овој пат. Веќе е јасно дека ПСЖ успеа да го договори првото големо засилување, а тоа е Марко Асенсио кој се договори за четиригодишен договор, а асот на Реал Мадрид следната недела ќе пристигне во Париз за да го потпише договорот. Но, челниците на францускиот шампион веќе презедоа нова акција, а се чини дека Асенсио е само најава за доминацијата која ПСЖ сака да ја направи кога се засилувањата во прашање.

Француските медиуми објавија дека во Париз во наредните недели се подготвува вистинска „бомба“ и дека ПСЖ сака да донесе засилување од Манчестер Сити, но чекаат англискиот клуб да го одигра финалето на Лигата на шампионите за да започнат финалните преговори. Играчот кој ПСЖ сака да го доведе е Бернардо Силва кој е решен да најде нов предизвик во кариерата. Минатата година беше поврзуван со Барселона, но на крајот Каталонците немаа доволно пари да го доведат.

На „Етихад“ се подготвени да ги разгледаат понудите за Португалецот, а се чини дека ПСЖ е најзаинтересиран и сака што поскоро да го договори трансферот на Бернардо Силва. ПСЖ е подготвен да плати околу 70 милиони евра за Силва, што би можело да биде доволно за доведување за замената за Лионел Меси.