ПСВ Ајндховен го искористи подарокот и пред Ајакс ја освои титулата во Ередивизие!

Пред еден месец, по победата на Ајакс од 2-1 над Вилем 2 на гостински терен, се чинеше дека „копјаниците“ прават голем чекор кон освојување на титулата. Но, наместо да ја потврдат во преостанатите пет кола, тие „фрлија во вода“ сè што направија во поголемиот дел од сезоната. Следеа четири катастрофални натпревари, почнувајќи со дебаклот против Утрехт (4-0), до шокантното реми против Гронинген минатата недела, кога Ајакс прими гол во деветтата минута од судиското продолжение, со играч повеќе, за конечни 2-2.

ПСВ Ајндховен го искористи подарокот и со своја мини-серија победи успеа да стигне до првото место од -9. Во последното коло ПСВ Ајндховен играше на гости кај Спарта во Ротердам и победи со 1-3, додека Ајакс го победи Твенте со 2-0 пред своите навивачи. По овој епилог, ПСВ Ајндховен ја задржа предноста од еден бод и ја освои 26. титула во холандското првенство. Голот на Иван Перишиќ во 27. минута му донесе водство на ПСВ Ајндховен во Ротердам, а на навивачите на Ајакс им врати надеж Зекел со израмнувачки гол во 52. минута. Во тој момент, Ајакс веќе водеше против Твенте со 1-0, благодарение на голот на Хендерсон и за кратко време се врати во водство на табелата. Но, лидерството траеше само шест минути, бидејќи Лук де Јонг го врати водството на ПСВ Ајндховен, кое го зголеми Тилман во 84. минута, за финални 1-2 за старо-новиот шампион.

Во Амстердам, Ајакс го зголеми резултатот на 2-0 со голот на Вегорст во финишот од натпреварот и оствари утешна победа пред своите навивачи.

ПСВ Ајднховен е првак со 79 бода, Ајакс ја заврши сезоната на второто место со 78 бода. Третиот е Феенорд, кој ќе игра квалификации за Лигата на шампионите, а четвртиот е Утрехт ќе се натпреварува во квалификациите за Лигата на Европа.

ФОТО/PHOTO: ANP