Првпат во 99-годишната историја АЕК освои двојна круна во Грција!

Екипата на АЕК го освои Купот на Грција, откако во финалето одиграно пред празни трибини во Волос со сигурни 2-0 славеше над големиот ривал ПАОК.

АЕК беше голем фаворит на оваа средба, но откако во шестата минута остана без играч помалку (директен црвен картон на Рота), се чинеше дека ПАОК ќе приреди изненадување, но тоа не се случи. Атинскиот гигант со голoвите на Мукуди во 27. минута и Фернандеш во 92. минута стигна до голема победа и нов трофеј во клупската витрина.

Претходно оваа сезона АЕК ја освои и шампионската титула во домашното првенство, па така за првпат во својата 99-годишна историја ја освои двојната круна во Грција.

За АЕК ова е вкупно шеснаесетта титула од Купот, а има и тринаесет шампионски титули. ПАОК, пак, остана на осум освоени пехари.