Првпат по 21 година ЛШ без Роналдо или Меси, може ли некој да ги „замени“?

Лигата на шампионите стартува со натпреварите од првото коло на групната фаза. Со дуели од групите од Е до Х, ќе се крене завесата на сезоната 2023/24. 

Интересно, оваа сезона за првпат по 21 година пауза во групите на елитното европско натпреварување ќе ги нема Лионел Меси или Кристијано Роналдо. Аргентинецот „ја бранеше честа“ на овие две ѕвезди минатата сезона со настапите во ПСЖ, меѓутоа ова лето го комплетира трансферот во Интер Мајами. Така, со Меси во САД и Роналдо во саудиското првенство во Ал-Наср, двете ѕвезди по долго време нема да играат во европскиот крем. 

Сега веројатно е време за нови ѕвезди во европската елита. Веќе неколку години најдобрите на континентот се наметнуваа, еден од нив беше и Карим Бензема кој исто така замина во Саудиска Арабија

Сепак, од тие што останаа тука се лидерите на новата генерација Ерлинг Халанд и Килијан Мбапе, тука е и Роберт Левандовски, се очекува блесок и на Хари Кејн во Баерн Минхен. Зад нив се триото од италијанското калчо Осимен, Леао и Лаутаро Мартинез. На стартот ќе ги нема повредените Винициус Жуниор, како Кевин Де Брујне, а високо ценети се и Сака, ернандеш, Кварацкелија... 

Како и да е, „новите ѕвезди“ на Лигата на шампионите нема да имаат лесна задача да го надополнат отсуството на легендите на овој спорт, Лионел Меси и Кристијано Роналдо.