• Мартин Танасковски

Познати се уште седум патници во следната фаза од Купот на Македонија, со одигрувањето на денешните натпревари.
Брегалница не дозволи изненадување и со убедливи 4-1 го победи Тетекс во дуелот за место во осминафиналето од Купот на Македонија. „Штофарите“ поведоа со голот на Ристевски Никола, меѓутоа Филип Алексовски, Даријан Тасев, Нејтаниел Маско и автоголот на Мартин Јованоски донесоа победа за штипјани.
Од прволигашите победи и Шкендија Арачиново против Детонит Плачковица (3-1) со головите на Дашмир Елези, Марко Симоновски и Бесир Демири, како и Башкими против Коњари (5-0), голеадата почна со автогол на Бурим Алиев, а потоа стрелаа Теодор Мирчевски, Џулијан Капланај, Страфа Андри и Стефан Ристовски.
Новаци продолжува во следната фаза, откако со доцен гол го победи ГФК Охрид со 1-0. Стрелец на мечот беше Трајкоски Јованчо. Понатаму оди и Беласица од Струмица, која со 3-1 беше подобра од Осогово на гостински терен. За струмичани стрелци беа Елмаз Емуш, Стојанов Благој и Мемеди Рон, единствен стрелец за Осогово беше Трајчов Даријан.
Скопје дојде до триумф над Кожуф со 1-0, со голот на Виктор Ангелов, победи и Саса против Шкупи со идентични 1-0, стрелец беше Драган Паунов. За да се комплетира осминафиналето, остануваат уште три натпревари, тоа се Могила - Арсими, Крошу Спорт - Тиквеш и Вардар Неготино - Работнички.





