Прволигашите одушевени од договорот на ФФМ со Арена Спорт

Кога е нешто добро тогаш тоа треба и јавно да се пофали. Тоа го сметаат клубовите од ПМФЛ за склучениот договор со Арена Спорт за пренесување на мечевите на оваа ТВ. Потег на ФФМ и на претседателот, Муамед Сејдини, кој наиде на одобрување и пофалби кај секој нормален фудбалски човек, љубител на фудбалот во нашата земја. 

Пртседателот на шампионот Шкендија, Висар Беџети нагласува дека со преносите на Арена Спорт, ПМФЛ добива на атрактивност.

„Добар потег на ФФМ, потег кој треба се почитува. Како прво, ние како Шкендија не сме премногу оптоварени околу котизацијата, но сме силно заинтересирани нашиот клуб да го следи поширок аудиториум. Ова е добро зошто е во интерес и на општо мак-фудбалот. Со преносите на оваа спортска телевизија и ПМФЛ добива на атрактивност. Тука сега свој збор треба да има и бизнис секторот“.

Претседателот на нашиот најтрофеен клуб од името на Вардар вака ја коментира одлуката на ФФМ.

„Најпозитивно го прифаќаме фактот што натпреварите ќе ги има на телевизија. Тоа е добро за промоција на клубот и за играчите. Го прифативме предлогот и тоа значи дека го одобруваме. Можеби требаше многу порано да се случи ова, но никогаш не е доцна. Ова е добро за сите во мак-фудбалот“, смета Мирко Спасовски.

Првиот човек на Работнички Драган Поповски го пофали претседателот Сејдини,

„Секоја чест за Муамед Сејдини и ФФМ, кога е нешто добро секако дека треба да се пофали. Тој е првиот претседател на ФФМ што успеа да обезбеди ПМФЛ да се гледа пред милионска публика. Со ова мак-фудбалот добива на промоција, не се тука само финансиите, туку фактот што ние како клубови можеме да промовираме наши млади играчи пред поширок аудиториум. Работнички и јас како поединец секако дека сме презадоволни од потегот на првиот човек на ФФМ“, заврши Поповски.

Новата сезона во нашата најелитна категорија е закажана за првата недела од август.