ВИДЕО: Прво славје за Почетино во ПСЖ, Рен му „скина“ два бода на Лион

Маурицио Почетино се радуваше на прва победа на клупата на ПСЖ и тоа од 3-0 (1-0) на домашниот дуел со Брест во рамките на 19. коло од Лига 1. Парижани поведоа рано преку Кин, а потоа Икарди и Сарабија ги потврдија трите бода со кои се доближија само бод зад лидерот Лион. 

  • ПСЖ - Брест 3-0:

Моизе Кин го отвори резултатот по 16. минути игра, позајмениот напаѓач од Евертон искористи одбиена топка и стрелаше за 1-0. Првиот дел изобилуваше со шанси, но освен Кин никој не успеа да го пронајде патот до мрежата. Иако Брест се обидуваше да се врати, ПСЖ одолеа на налетот. Така, во 81. минута Мбапе го проигра Мауро Икарди и „светците“ ја удвоија позитивата. До крајот на мечот меѓу стрелците се запиша и Пабло Сарабија и тоа две минути по Аргентинецот за конечни 3-0. 

Екипата на Рен му ги уништи плановите на Лион и освои бод во дербито на колото со реми од 2-2 (1-0). Натпреварот на „Роажон Парк“ беше интересен и со многу шанси, а беше постигнат еден во првото и дури четири погодоци во второто полувреме, од кои еден беше поништен.

  • Рен - Лион 2-2:

Предноста на Рен ја донесе Грение по 20. минути игра, фудбалерот за врска на асистенција на Терие стрелаше за почетен шок на Лион (1-0). Гостите немаа одговор, ама затоа Бенџамин Бурижо погоди за удвојување на позитивата на стартот од продолжението. Лион даде еден гол бргу потоа преку Денајер, ама истиот беше поништен. Реакцијата на лидерот стигна во вид на „блиц-крик“ и два гола за три минути. Прво Депај ја врати надежта во 79. минута, а потоа Денајер со глава израмни на 2-2 и донесе бод во 82. минута. 

Приклучок кон врвот одржа и екипата на Лил, која славеше на гости кај Олимпик Ним со 0-1. Стрелец на единствениот погодок беше Бурак Јилмаз во првото полувреме.