Првакот уште е во „матно“: Вардар го одложи првиот собир!

И додека сите прволигаши тргнаа и кројат планови за пролетта која доаѓа, актуелниот македонски фудбалски првак Вардар нема да се собере и да означи старт на подготовките на планираниот датум, затоа што клубот уште е во „матно“ и не се знае неговата иднина.

Дел од фудбалерите си заминаа, дел најавија заминувања, а Вардар многу веројатно стартот на подготовките ќе го дочека со младинци и кадети. Тимот требаше да се собере на 14 јануари, арно ама по состанок на тимот, првиот собир е пролонгиран.

И како што е „матно“ во Вардар, така е и со датумот, затоа што не се знае кога подготовките ќе стартуваат. Тимот треба да го водат вардаровите „деца“ Филип Ивановски, Златко Таневски и Никола Глигоров.

Вардарци ја завршија полусезоната на петтото место, а до крајот на сезоната ги чека битка за опстанок. И во лигата, ама и борба за егзистенција. Сергеј Самсоненко уште ги нема исплатено долговите, за клубот да може да застане на здрави нозе.