• Иван Димовски
Фудбалерите на Шпанија потфрлија на стартот на Светското првенство и ремизираа со аутсајдерот Зеленортски Острови (0-0). Пресметката од групата Х која се одигра на „Мерцедез-Бенз Стадионот“ во Атланта понуди серија шанси за „црвената фурија“, ама противникот добро и дисциплинирано ги одби сите налети и освои сензационален бод на своето деби.
- Извештај од натпреварот:
Аутсајдерот одлично се постави од стартот на средбата, играше во низок блок и не ризикуваше, а така успешно го бранеше својот гол. Шпанија се мачеше да се наметне и да пронајде пукнатини во противничката дефанзива. Сериозните шанси изостанаа во првиот дел на полувремето, ама потоа беше вистинско чудо како резултатот остана непроменет.
Првата закана која всушност беше двојна дојде по едно уфрлување по кое Феран Торес ја погоди пречката од противничкиот гол. Одбиената топка дојде до Микел Ојарзабал, ама неговиот удар со глава успешно го одбрани голманот Возиња. Токму тој беше херојот на Зеленортските Острови, бидејќи до крајот на полувремето му фати уште една шанса на Торес, а голема можност и убава интервенција имаше и по ударот на Емерик Лапорт во судиското продолжение.
Второто полувреме продолжи со исто темпо, а првата закана ја имаше Фабиан Руиз кој излета пред противничкиот гол, но не биеше најдобро. Бидејќи мечот не течеше како што посакуваа Шпанците, селекторот Де ла Фуенте мораше да посегне по клупата, па во игра влегоа Ламин Јамал, Микел Мерино и подоцна Дани Олмо. Во пресрет на завршницата закани имаа Мерино непосредно по влегувањето, а потоа и Кукуреља откосо. Сепак, Зеленортските Острови солидно одолеваа на нападите и делуваа стабилно во дефанзивата. Убава акција изградија Јамал кој со додавање со надворешно ефе го пронајде Олмо, кој пак го проигра Ојарзабал, а неговиот удар заврши во блокот на Пико Лопес. Пред истекот на регуларното време аутсајдерот имаше и шанса по ударот на Кевин во транзиција и изнуди корнер. Првиот удар во рамките на голот дојде по тој корнер, а со глава Борхес го натера Симон на интервенција. Како што течеше судиското надополнување растеше нервозата кај Шпанците кои не успеаја да стигнат до гол и победа на овој дуел.
Во второто коло на Мундијалот селекцијата на Шпанија игра со Саудиска Арабија, додека Зеленортските Острови ќе се судрат со Уругвај.




