• Саше Љолес
Поранешниот хрватски репрезентативец, Дарио Срна, првпат ќе се испроба во тренерските води и започнува нова етапа во кариерата. Познатиот спортски новинар, Фабрицио Романо, објави дека Хрватот ќе биде нов тренер на украинскиот Шахтјор Доњецк и веднаш ќе има можност да работи на исклучително високо ниво.
Срна е легенда на Шахтјор и токму во тој клуб мина најголем дел од својата кариера, а навивачите со воодушевување ја прифатија информацијата и се надеваат на големи успеси со новиот предводник. Украинскиот тим ја прекина соработката со холандскиот тренер, Патрик Ван Леувен, кој го предводеше тимот само на 13 натпревари.
Двете страни ја раскинаа соработката, по што Дарио Срна бил посочен како идеално решение за новото тренерско име. Фабрицио Романо пишува дека Хрватот ќе биде привремен тренер, но можно е соработката да продолжи, доколку екипата бележи добри резултати.
Дарио Срна цели 15 години беше дел од Шахтјор, а кариерата ја започна во сплитски Хајдук. Кариерата ја заврши во 2019 година, како играч на италијански Каљари, а за хрватската репрезентација настапи на 134 натпревари и постигна 22 гола. Откако замина во пензија, работеше како спортски директор во Шајтхор, а сега првпат ќе има можност да биде тренер на својот омилен клуб.