• Мартин Танасковски
Екипата на Интер Мајами го запиша третиот последователен пораз во МЛС-лигата, откако на гостувањето кај Нешвил беше убедливо поразен со 4-1. Лионел Меси повторно се најде во центарот на вниманието, но овојпат поради уште еден нереализиран пенал. Аргентинецот во 23. минута имаше можност да израмни на 1-1, но неговиот удар од белата точка беше одбранет од голманот на Нешвил, Брајан Швејки. По одбиената топка Серхио Регилон ја затресе мрежата, но погодокот беше поништен по ВАР-проверката поради прерано влегување на играч во шеснаесетникот.
- Извештај од натпреварот:
За Меси ова беше трет последователен промашен пенал, нешто што не му се случило уште од 2014 година. Претходно не успеа да реализира удари од белата точка и во дресот на Аргентина на Светското првенство. Сепак, Интер Мајами успеа да израмни пред паузата. Во судиското продолжение од првото полувреме Меси одлично го проигра Теласко Сеговија, кој погоди за 1-1.
Во вториот дел Нешвил целосно ја презеде иницијативата и стигна до убедлива победа. Хани Муктар постигна два гола, додека Сем Саридж се запиша меѓу стрелците со атрактивен погодок со пета. Фрустрацијата кај Меси беше очигледна во текот на натпреварот. Аргентинецот заработи жолт картон поради приговор кон судијата, сметајќи дека над него бил направен прекршок во акцијата што му претходеше на третиот гол на домаќините.
Во финишот немаше среќа ниту во нападот. Во една акција ги погоди двете стативи, а подоцна успеа и да ја затресе мрежата, но голот беше поништен поради офсајд. Конечните 4-1 ги постави Муктар, откако голманот на Интер Мајами, Роко Риос Ново, направи голема грешка и се лизна далеку од својот гол, оставајќи му лесна задача на противничкиот напаѓач.
По овој пораз Интер Мајами пропушти можност да го преземе врвот во Источната конференција. Наместо тоа, Нешвил ја зголеми предноста на пет бода на врвот на табелата, на 15 кола пред крајот на регуларниот дел од сезоната. Ова беше и прв старт на Меси по смртта на неговиот татко Хорхе пред една недела. Аргентинецот го пропушти натпреварот против Монтереј, а во дуелот со Леон настапи како резерва.



