ВИДЕО: Прв гол на Мусиала во Бундеслигата, Баерн убедлив против Борусија Менхенгладбах

Фудбалерите на Баерн Минхен го продолжуваат походот кон нова шампионска титула во Бундеслигата. Баварците немаа проблеми ниту во 25. коло, во кое славеа убедлива победа над Борусија Менхенгладбах со 4-1 (2-0).

  • Извештај од натпреварот:

Фаворитот имаше сигурна предност уште по првите 45 минути, откако на пауза замина со водство од 2-0. Домаќинот од самиот почеток ја презеде иницијативата и ја контролираше играта, а првата посериозна шанса се случи во средината на полувремето, кога ударот на Ленарт Карл беше одбранет од голманот Мориц Николас.

Притисокот на тимот од Минхен конечно се исплатеше во 33. минута, кога Леон Горецка испрати одлична топка зад одбраната, а Луис Диаз излезе сам пред голманот и рутински ја смести топката во мрежата за водство од 1-0. По постигнатиот погодок, Баерн продолжи да напаѓа и да создава шанси, а Борусија Менхенгладбах ретко успеваше да ја помине својата половина.

Непосредно пред крајот на првото полувреме, во 46 минута Баварците ја удвоија предноста. По центаршут од десната страна, топката стигна до Конрад Лајмер, кој од непосредна близина погоди за комотни 2-0 за Баерн на полувреме.

На стартот од вториот дел следуваше нов удар за гостинскиот тим, затоа што Реитц заслужено заработи директен црвен картон, а Баерн Минхен доби најстрога казна. Прецизен од единаесет метри беше Џамал Мусиала, кој го постигна својот прв овосезонски погодок во Бундеслигата. Борусија Менхенгладбах беше немоќна со единаесетмина на терен, а камоли со играч помалку, па шампионот рутински го доигра натпреварот, а во самиот финиш за 4-0 погоди Николас Џексон. Сепак, гостите успеаја да постигнат почесен гол и конечните 4-1 ги постави Моја во 89. минута.

Во следното коло Баерн Минхен игра уште едно дерби, овој пат против Баер Леверкузен, додека во Менхенгладбах ќе гостува Сент Паули