Проверени имиња во Баерн: Румениге се враќа во Минхен

Карл-Хајнц Румениге се враќа во Баерн Минхен само две години откако го напушти клубот. Баварскиот гигант очигледно сака да се „потпре“ на проверени и докажани поединци и новата сезона да ја започне потполно „подмачкана“. 

Поранешниот легендарен фудбалер добил покана да работи во Управниот и Надзорниот одбор директно да му помага на тренерот Томас Тухел при создавањето на екипата за следната сезона. 

„Би сакал да се заблагодарам на довербата што ја добивам и многу сум среќен што се враќам во мојот клуб. Бордот на директори ме побара за да му помогнам на Баерн, а јас сум секогаш расположен да се ставам на располагање. Се надевам на уште една плодна и успешна етапа“, изјави 67-годишниот легендарен фудбалер. 

Карл-Хајнц Румениге е еден од милениците на навивачите во Минхен. Тој беше главна алка во управата скоро дваесет години и за време на неговиот престој, Баерн освои многу трофеи, вклучително и две титули во Лигата на шампионите.  

Оваа сезона тимот мина низ големи потреси, но на крајот, сепак успеа да се закити со шампионската титула во Бундеслигата. Големата драма во последното коло го издигна баварскиот гигант на врвот на табелата и Баерн успеа да ја мине Борусија од Дортмунд која направи „кикс“ и не успеа да го совлада тимот на Мајнц 05.