• Сашо Поповски

Ждрепката за квалификациите за Европското првенство 2024 донесе тешки противници за Македонија. Нашата репрезентација ќе се сретне со Англија, Италија, Украина и Малта.
Првиот човек на италијанскиот фудбал Габриеле Гравина најави дека циклусот ќе им овозможи на „аѕурите“ да ги „расчистат сметките“ со македонскиот национален тим.
„Ждрепката можеше да биде подобра, но и полоша. Сите репрезентации напреднаа во изминатите години. Ние имаме рана која уште ја лечиме, по поразот од Македонија. Мислам дека Англија е повеќе загрижена од нас, а против Македонија имаме нерасчистени сметки...“, изјави Гравина.
Александар Трајковски ја израдува македонската нација со погодокот во Палермо, со кој тимот на Благоја Милевски ја сруши големата Италија, во плеј-офот за пласман на Светското првенство 2022.