ВИДЕО: Прослави со симулација на пресек на грлото и заработи заслужена казна

Фудбалерот на Монако, Парис Брунер, заработи суспензија поради прославата на голот против Стразбур во француската Лига 1.

Монако и Стразбур одиграа 1-1, а мечот го одбележа прекрасниот погодок на Брунер за израмнување. Германскиот напаѓач во 12. минута од второто полувреме постигна атрактивен гол, но вниманието по натпреварот повеќе беше насочено кон неговата реакција.

По погодокот, Брунер се упати кон трибините со домашни навивачи и направи гест со кој симулираше пресекување на грлото. Дисциплинските органи на француското првенство реагираа и му изрекоа суспензија од два натпревари, додека дополнителни два меча му се условни.

Тоа значи дека Брунер нема да може да настапи за Монако на следните две средби во првенството, против Тулуз и Лориен. По натпреварот, 20-годишниот напаѓач објасни дека бил провоциран од навивачите на Стразбур, кои, според неговите зборови, го навредувале него и неговото семејство. Сепак, Брунер подоцна се извини за својот потег.

Германецот имаше одличен почеток на сезоната и на првите пет натпревари во Лига 1 постигна четири гола, со што се наметна како еден од клучните офанзивци на Монако. Сепак, поради суспензијата ќе мора да паузира токму во период кога се наоѓа во одлична форма. Монако, пак, по пет одиграни кола е на врвот на табелата во Лига 1 со 13 освоени бодови.