• Саше Љолес
Фудбалерите на ПСЖ денеска ќе ја прослават новата европска титула заедно со своите навивачи во Париз, откако во драматичното финале на Лигата на шампионите го совладаа Арсенал во пенал серијата (4-3).
И покрај инцидентите што беа забележани по натпреварот во француската престолнина, клубот потврди дека прославата ќе се одржи според планираната програма.
ПСЖ во саботата вечерта во Будимпешта ја одбрани европската круна откако по 120 минути игра резултатот беше 1-1, а во пенал-серијата славеше со 4-3. Така, парижаните стигнаа до втората последователна титула во елитното европско клупско натпреварување.
Прославата започнува денес во 14:00 часот пред Ајфеловата кула, каде што фудбалерите ќе го претстават трофејот од Лигата на шампионите пред своите навивачи. Се очекува на настанот да присуствуваат меѓу 85.000 и 90.000 луѓе.
Во текот на попладнето ќе бидат прикажани најзначајните моменти од шампионската сезона, а предвидени се и музичка програма и бројни забавни содржини за присутните.
Свеченоста потоа ќе продолжи на стадионот „Паркот на принцовите“, каде што од 19:30 часот е закажан вториот дел од прославата. Сопствениците на сезонски билети ќе имаат бесплатен влез, додека останатите влезници ќе бидат достапни преку програмата за лојалност на клубот.



