• Горан Упале

Славниот југословенски и хрватски фудбалер, Роберт Просинечки, се потсети на 1991 година и финалето меѓу Црвена Звезда и Олимпик Марсеј во кое белграѓаните победија во пенал-серија и се искачија на европскиот трон.
Магионичарот во средниот ред на „црвено-белите“ истакна дека Црвена Звезда била подготвена на се, па дури и на пенали. Поради големата одговорност, популарниот „Жути“ чувствувал голем притисок, но кога го дал првиот пенал, му паднало камен од срце.
„Кога ќе се спомене Бари, не ми доаѓа ништо друго на ум освен Лигата на шампионите. Тоа е најголемиот успех на Црвена Звезда, историски меч во кој дојдовме до трофеј, освоивме титула која на Балканот ја има само уште романска Стеауа. Успех кој веројатно никогаш повеќе нема да се повтори затоа што сега неверојатно многу се вложува и тешко некој друг да има шанса како ние. За финалето вежбавме и пенали затоа што Љупко Петровиќ ја постави екипата да може да игра 120 минути и да биде спремна и за пенали. Кога дојдовме до пеналите, сите пребледеа. Дотогаш немав промашено од белата точка. Во првенството шутирав пенали, па така ми дојде одговорноста да шутирам прв. Тргнав од центарот, бев бел како креч. Непрекинато си повторував во главата - „само да погодам, само да погодам“. Чувствував голема одговорност, а потоа ми падна камен од срце. Затоа што во историјата ми останува запишано дека сум дал гол, како и на искусниот Аморос што му стои дека е единствен кој промаши и тоа за првпат во кариерата. Тоа се детали кои засекогаш ќе ми останат врежани во главата“, се потсети големиот Роби на финалето.
Просинечки, кој сега има 54 година, играше за Црвена Звезда од 1987 до 1991 година, а по големиот успех следеше трансфер во Реал Мадрид. Кариерата ја заврши во 2005 година, како член на нисколигашот Савски Мароф.