Просинечки: Ми годи што фановите ме сакаат за тренер на Динамо

Динамо Загреб се одлучи за тренерска смена откако Дамир Крзнар си поднесе оставка. На неговото место седна Жељко Копиќ, кој сепак е преодно решение на клупата на „модрите“. Фановите посакуваат многу легенди, а една од нив е и Роберт Просинечки. 

Прославениот поранешен фудбалер во разговор за „24sata.hr“ потврди дека би сакал да го води хрватскиот шампион. 

„Со сигурност ми годи што толку навивачи ме посакуваат на клупата на Динамо. За која и да е работа ви годи да ве сакаат, а особено што се работи за Динамо. Никој не ме контактирал, не се оптеретувам премногу со тоа, имам и понуди од странство“, изјави Просинечки. 

Просинечки како многу млад играч стана дел на Динамо и таму дебитираше како првотимец пред да замине во Црвена Звезда. Како тренер, пак, работеше само како асистент во Хрватска за репрезентацијата и во прволигашот Загреб. Просинечки во тренерската кариера ги водеше Црвена Звезда, Кајзериспор, Денизлиспор и беше селектор на Азербејџан и Босна и Херцеговина.