Проработе белгиската „мелница“: Ирска прегазена во Бордо (ВИДЕО)

Во едно повеќе од досадно прво и спектакуларно второ полувреме, фудбалерите на Белгија успеаа да ја запишат првата победа на ЕП во Франција. Двата гола на Лукаку и еден на Витсел беа доволни за Белгија за триумф од 3-0 (0-0) против селекцијата на Ирска, за уште поинтересно трето коло од Е групата. 

Муние, Муса Дембеле и Караско беа замените во почетниот состав на Белгија од натпреварот против Италија. Селектор Марк Вилмотс на клупа ги седна очајните од дуелот со „азурите“, Фелаини, Наинголан и Симон, кои и тоа како разочараа на премиерниот настап на ова ЕП. Од друга страна селекторот на Ирска, Мартин О'Нил тотално јас смени формацијата на овој дуел, но не и играчкиот кадар. Во ремито против Шведска настапи со формација 4-3-3, додека на денешниот дуел играше 4-4-1-1, со само една замена, на местото на ветеранот Волтерс во првите 11 се најде бекот Ворд. 

По 20 минути тактичка игра стигна и првото возбудување. Де Брујне нафрли, на топката налета Азар, но неговиот удар заврши далеку над голот на Рандолф. Во продолжението тежиштето на играта беше на половината на Ирска, Белгија залудно напаѓаше, додека момците на О'Нил густо се бранеа и чекаа можност за контранапад. 

Сепак, од контранапад Белгија поведе. По само три минути игра во вториот дел по изведениот слободен удар на Ирците, брзата трансформација од одбрана во напад на белгиските фудбалери беше убиствена за Ирска и по асистенција на Де Брујне, фудбалерот на Евертон, Лукаку „стрелаше“ за водство од 1-0 на својата селекција. 

Се играше 60. минути и нов шок за Ирска. Квалитетот, мотивацијата, доминацијата и желбата за победа на белгиските фудбалери беа крунисани со уште еден погодок. Одличниот играч за врска на Зенит, Аксел Витсел по асистенција на Муние со глава ја „заби“ топката во голот на Ирците за 2-0. 

Школски контранапад со само две додавања, беше епилогот од третиот гол на белгиските фудбалери. Муние додаде до капитенот Азар, кој претрча над 50 метри и несебично асистираше до Лукаку, а овој без проблеми го пронајде празното место во голот на Рандолф.

До крајот ирските фудбалери целосно се отворија, но не успеаа да го загрозат заборавениот на овој дуел, Тибо Куртоа. Во последното коло Белгија ќе игра против Шведска, додека Ирска место во осминафиналето ќе бара со победа во дуелот против Италија на Конте.