• Горан Упале

Иднината на Бојан Миовски во Ренџерс останува неизвесна, но опциите за македонскиот репрезентативец во финишот на преодниот рок се сè помалку. Последната пропадната можност е трансферот во Турција, откако Генчлербирлиги не успеа да постигне договор со шкотскиот клуб.
Турскиот клуб не бил подготвен да ги прифати условите на Ренџерс, кои вклучувале отштета од три милиони евра и задолжителен откуп доколку Миовски биде испратен на позајмица. Наместо него, Генчлербирлиги се насочи кон напаѓачот на Ница, Виктор Оракпо, кого ќе го ангажира на позајмица со опција за откуп.
Пропадна и можноста за трансфер во Феенорд. Иако во Шкотска се појавија информации дека холандскиот клуб е заинтересиран за Миовски по заминувањето на Ајасе Уеда во Лил, од Феенорд демантирале дека испратиле понуда или официјално се распрашувале за македонскиот напаѓач. Со оглед на тоа што трансфер-периодот во Холандија завршува вечерва, оваа опција практично отпадна.
Како последна европска можност останува ЛАСК од Австрија, каде што преодниот рок трае до 3 септември. Во меѓувреме, неговата позиција во тимот на Ренџерс е дополнително загрозена по летните засилувања, а се очекува и официјализирање на трансферот на Кевин Келси од Портланд Тимберс за 9,5 милиони фунти.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.

