Пропадна трансферот во Португалија, Петковски уште една година во Работнички

Младинскиот репрезентативец Петар Петковски го обнови договорот со Работнички. Тој потпиша нов едногодишен договор со клубот и ќе му биде на располагање на тренерот Александар Влахо во продолжението од шампионатот.

Петковски минатата сезона беше еден од најдобрите играчи во тимот, а раководството успеа да го задржи уште една сезона.

„Среќен сум што ја продолжувам соработката со Работнички. Благодарност до раководството на клубот за разбирањето и за обновената доверба. Верувам дека ќе бележиме многу подобри резултати во периодот што следи. Фокусиран сум максимално на тренинзите и брзо ќе се вратам во потребниот натпреварувачки ритам“, вели Петар Петковски.

Во претходните неколку недели се шпекулираше со можен трансфер на некогашниот младински репрезентативец во Жил Висенте, но преминот се изјалови и најмалку до крајот на полусезоната Петковски ќе остане во клубот од Дебар Маало.