Пропадна потписот со најзвучното име ова лето за Хајдук

Делуваше дека зделката е готова, но Анте Ребиќ нема да стане нов фудбалер на Хајдук. Како што пренесуваат хрватските медиуми, искусниот напаѓач кој моментално е без клуб, не постигнал договор со управата на Хајдук и веќе активно ги разгледува опциите за продолжување на кариерата.

Причина за прекинот на преговорите се финансиските услови. Новиот спортски директор Горан Вучевиќ и управата на Хајдук поставиле јасна граница и максимални 400.000 евра годишна плата со бонуси. Ребиќ барал речиси двојно повеќе, околу 750 илјади евра, и тука разговорите запнале.

Поранешниот репрезентативец на Хрватска има неколку понуди на маса една од Холандија, а останатите од Блискиот Исток и делови од Азија. Таму, според информациите, му се нудат преку две милиони евра, но Ребиќ наводно сѐ уште има желба да настапува во европскиот фудбал. Ребиќ стана слободен агент откако му истече договорот со Лече на почетокот од јули. 

Кариерата на Ребиќ тргна преку локалните клубови, а од Сплит на 20-годишна возраст направи трансфер во Фиорентина за 4,5 милиони евра. Настапуваше на позајмици во Лајпциг, Верона и Ајнтрахт Франкфурт од кој подоцна беше и откупен. Потоа прејде во Милан, имаше успешни први две сезони и потоа следуваше драстичен пад. Во претходните две сезони играше за Бешикташ и Лече постигнувајќи само по еден гол.

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.