Промените во Њукасл започнаа, клубот го раскина договорот со Стив Брус

Екипата на Њукасл доби ултра-богати сопственици, во името на саудискиот принц Мохамед Бин Салман. Една од компаниите која е во сопствеништво на богатиот шеик го откупи клубот, па најавен беше страшен проект со многу вложување. 

Шпекулациите веќе почнаа да се исполнуваат, па Њукасл и тренерот Стив Брус спогодбено ја прекинаа соработката. 60-годишникот беше на чело на клубот од 2019 година, а јасно беше дека ќе дојде до смена бидејќи по осум кола во Премиер лигата, Њукасл има само три бода од трите реми исходи и дури пет порази. 

„Њукасл може да потврди дека Стив Брус ја напушти својата позиција шеф на стручниот штаб, по взаемен договор со клубот. Сакаме да му упатиме благодарност за сите придонеси и му посакуваме убава иднина“, стои во соопштението. 

Иако Брус си ја заврши својата работа во минатите две сезони, успевајќи да избори опстанок со Њукасл во елитата, јасно е дека сега амбициите ќе бидат повисоки. Сепак, неговиот наследник ќе мора сериозно да се потруди за клубот да опстане во Премиер лигата.