Промени во Лигата на нации и квалификациите за ЕП – еве како ќе изгледаат!

Европската куќа на фудбалот УЕФА официјално потврди дека од сезоната 2028/29 ќе стапат на сила големи промени во форматот на Лигата на нации, како и во квалификацискиот систем за Европското првенство.

Новата структура на Лигата на нации ќе биде значително поразлична од актуелниот модел со четири дивизии и групи од по четири репрезентации. Наместо тоа, натпреварувањето ќе биде поделено во три лиги со по 18 селекции. Во секоја лига ќе има по три групи со по шест репрезентации, а секоја селекција ќе одигра пет натпревари против пет различни противници. Единствен исклучок ќе биде Лигата Ц, каде поради вкупниот број од 55 европски репрезентации, една група ќе брои седум селекции. Од УЕФА појаснуваат дека завршниот турнир ќе остане непроменет, што значи дека и понатаму ќе се игра „Фајнал фор“, а ќе останат и баражите за промоција и испаѓање меѓу различните рангови.

Промени ќе има и во квалификациите за Европското првенство. Новиот систем ќе биде организиран во две нивоа. Во Лига 1 ќе настапуваат 36 репрезентации од Лигите А и Б на Лигата на нации, додека Лига 2 ќе ја сочинуваат останатите селекции.

Лига 1 ќе биде поделена во три групи од по 12 репрезентации. Секоја селекција ќе игра по шест натпревари против шест различни противници, по примерот на актуелниот формат во европските клупски натпреварувања. Лига 2 ќе функционира според истиот принцип како Лигата Ц во Лигата на нации, со групи од по шест, односно една група со седум репрезентации.

УЕФА потврди и дека домаќините на Европското првенство, иако автоматски ќе имаат обезбедено место на завршниот турнир, сепак ќе учествуваат во квалификациите заради одредување на нивниот пласман за следното издание на Лигата на нации.

Најдобрите репрезентации од Лига 1 директно ќе обезбедат пласман на Европското првенство, додека преостанатите места ќе се пополнуваат преку дополнителен плејоф систем, со што УЕФА сака да им овозможи шанса за пласман и на селекциите од понискиот ранг.